Во македонскиот КИЦ во Загреб со свечена програма беше одбележан празникот посветен на Свети Климент Охридски. Во рамките на одбележувањето на Денот на Свети Климент Охридски беше претставен мултимедијалниот проект „Мечтаење помеѓу празното и празнината“, солистички концерт на авторска музика на Билјана Петровска (соло пијано) и сценска визуелна инсталација на Марина Цветановска-Мартиновска.
Преку презентација на македонското традиционално културно наследство со современ и модерен израз, пред многубројната публика беа претставени македонскиот фолклор, специфичниот ритам и мелодиите, кои се разработени во композициите на Билјана Петровска, збогатени и надополнети со инсталацијата на Марина Цветаноска-Мартиновска, како визуелно дополнување на музичкиот ритам и мелодиско движење.
„Мечтаење помеѓу празното и празнината“ е современ музичко-визуелен проект каде што музичката креација на Билјана Петровска и изведбата на нејзините современи музички композиции кои го носат нејзиниот препознатлив звук како музички автор се дополнуваат со визуелната светлосна инсталација на Марина Цветановска-Мартиновска и нејзиниот долгогодишен препознатлив ракопис. Два оригинални изрази, поврзани преку заеднички елементи, создадоа амбиентално визуелен звук и звучеа или изгледаа како една целина.
На свеченото одбележување на Денот на Свети Климент, многубројната публика ја поздравија амбасадорот на Македонија во Хрватска, Н. Е. Драган Ѓурчевски, и директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска.