Со традиционалното садење дрвце и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2025 година, истакнатиот словачки поет, раскажувач, есеист и преведувач Иван Штрпка, денеска во Струга почнува 64. издание на Струшките вечери на поезијата.
Официјалното отворање на манифестацијата ќе биде вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата „Т`га за југ“ во Домот на поезијата, а ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.
Фокусот на годинашното издание е глаголицата, а во таа насока е и изложбата „Македонска глаголица – визуелни рефлексии“ на Лазе Трипков што ќе биде отворена во хотелот „Дрим“.
На 64. фестивалско издание ќе бидат презентирани врвни светски имиња, а ќе бидат објавени и тријазична луксузна монографија на лауреатот Иван Штрпка и други значајни публикации. Меѓу нив се и книгата на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Матеуш Шимчик, книгата на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот, академик Катица Ќулавкова, „Небото ми е дома“, која излегува со превод на англиски јазик.
Покрај лауреатот, словачкиот поет Иван Штрпка, и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, полскиот поет Матеуш Шимчик, на 64. „Струшки вечери на поезијата“ ќе учествуваат околу 70 истакнати поетски имиња од: Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, од земјите од соседството, како и истакнати имиња од домаќинот, Македонија.