Во организација на „Хартефакт“ (Србија), а во соработка со „Клубтура/Clubture“ (Хрватска), регионалната платформа „Кооператива“, „Фондацијата за култура А25/A25 Cultural Foundation“ (Бугарија) и „Еурадија/Euradia (Италија), од 13 до 16 мај 2026 година во Скопје се одржаа форумот „Култура за развој“ и состанокот „Satellite BEYOND“ на европската мрежа „Културна акција на Европа“. Настанот обедини уметници, културни работници, активисти и претставници на европски културни мрежи од Северна Македонија, Западен Балкан и од Европа.
Канцеларијата на Креативна Европа учествуваше на работните сесии во рамките на настанот, а заедно со претставници на „Хартефакт“, „Културна акција на Европа“, „Кооператива“, „Клубтура“ и Јавната установа „Јадро“ учествуваше на панел-сесијата на тема: „Намалување на просторот за културата и заедничките/регионалните културни пејзажи“ што се одржа на 14 мај 2026.
Дискусиите беа фокусирани на уметничката слобода, одржливата поддршка за независната култура, пристапот до јавни културни простори и зајакнувањето на регионалната и европската соработка. Учесниците разговараа и за актуелните предизвици со кои се соочува културниот сектор низ Европа.
Конференцијата ја истакна улогата на културата како простор за солидарност, граѓански ангажман и општествени промени, а воедно беше остварен дијалог за нови иницијативи за јакнење на секторот и унапредување на прекуграничната соработка.
Една од главните пораки беше дека Западен Балкан треба активно да учествува во обликувањето на европските културни политики, со посебен акцент на потребата од подостапна и поодржлива поддршка за независните културни организации и младите културни работници.
Повеќе информации може да најдете на следниов линк:
https://heartefact.org/en/european-and-regional-cultural-actors-gathered-in-skopje/
ФОТОГРАФ:
Жарко Чулиќ