Во организација на НУ ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, на 16 и 17 октомври ќе се одржи првиот фестивал на рана музика во Македонија – „Dulcia Sonant“, посветен на истражување и оживување на музиката од византиската, средновековната и раноренесансната традиција.
Во два последователни концерти ќе оживее звукот на едно одамна замолчено време – преку ретки инструменти, древни напеви и извонредни интерпретации.
Првиот концерт на 16 октомври започнува во 20:00 ч. во киното „Мис Стон“ и има наслов „Помеѓу Кукузел и Палестрина“, со два хора – „Св. Петка“ и „Пелагонитиса“ , под диригентство на Гоце Секулоски.
На 17 октомври со почеток од 20:00 ч. во киното „Мис Стон“ ќе се одржи вториот концерт „Средновековни еха“, редок музички дијалог помеѓу човечкиот глас и древниот инструмент – портативна оргула од 14 век, со која ќе настапи Кристина Алис Раурич (Cristina Alís Raurich) од Шпанија, музичар и истражувач, која прва во светот направи реконструкција на портативна оргула од 13 век. Со неа настапува Ана Митоска (Македонија) – глас, во програма што нè носи низ звучните пејзажи на средновековната Иберија.