Министерството за култура и туризам информира дека утре, 14 октомври, со почеток во 10:00 часот во Порта Македонија и задутре, 15 октомври, со почеток во 9:30 часот во Европската куќа ќе се одржи дводневниот транснационален настан посветен на унапредувањето на културното наследство преку европска соработка: Мрежи, мобилност и можности за финансирање од ЕУ.
Тематскиот фокус на настанот е културното наследство како основа врз која се темелат политиките на Европската Унија и можностите за финансирање преку програмите „Креативна Европа“, „Еразмус+“ и „Хоризонт Европа“. Ќе бидат претставени активности и добри практики на европски и на регионални мрежи кои играат клучна улога во поддршката на транснационалната соработка, мобилноста и развојот на европски проекти.
Настанот е наменет за потенцијални и постојни корисници на програмите на ЕУ: јавни институции, здруженија, општини, образовни установи и организации кои дејствуваат во областа на културното наследство во поширок контекст.
Покрај домашните професионалци од институциите и организациите корисници на овие програми на Унијата, на настанот ќе учествуваат и европски експерти во областа на културното наследство, и тоа: Маргерита Сани, вонреден професор на Универзитетот во Болоња, координатор на проектот LEM во рамките на NEMO (Мрежа на европски музејски организации), проф. Пјер Џакомо Сола, виш истражувач во европската мрежа „Michael Culture“ од Италија и д-р Кришна Чандрамули, Венека ЕУ, од Велика Британија.
Настанот е во организација на Министерството за култура и туризам на Македонија (Канцеларија на Креативна Европа), во партнерство со: Делегацијата на Европската Унија и Европската куќа во Скопје, Министерството за образование и наука, Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, НУ Завод и музеј – Битола, НУ Археолошки музеј на РС Македонија, НУ Стоби, Филозофски факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Центар за нови иницијативи во уметноста и културата – Локомотива, Скопје.