Од денеска до 30 октомври ќе се одржи 18. издание на Фестивалот на камерна музика „Златна лира“, кој е во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ). Во рамките на годинашното издание, публиката ќе има можност да присуствува на седум камерни концерти, на кои ќе настапат реномирани македонски музичари што го градат својот уметнички пат во земјава и во странство.
И годинашната програма ја нагласува разновидноста на камерните изрази и интерпретативни пристапи во камерното музицирање, што ја дефинира програмската препознатливост на фестивалот. На подиумот ќе настапат дуетите Александра Коцевска и Глигор Гелебешев, Страшо Темков и Елена Атанасовска Ивановска, Даниел Апостолов и Дарко Мариновски, како и тријата „Академико“ и „Анимато“.
Свеченото затворање на фестивалот ќе се одржи на 30 октомври во Музејот на револуционерната борба, со настап на пијанистот Глигор Гелебешев. Вовед во завршната вечер ќе биде доделувањето на традиционалната награда „Златна лира“, што СМУМ ја доделува на уметници за исклучителен придонес во музичката уметност. Влезот за сите концерти е слободен.