Со свечено отворање на Фестивалот на македонски филм „Македонски филмски класици“, Амбасадата на Македонија во Хрватска и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, во соработка со Кинотеката на Македонија, Советот за македонско национално малцинство на градот Загреб и Македонската православна црква во Хрватска, ќе го одбележат 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.
Отворањето на Фестивалот на 8 септември е резервирано за почетоците на македонската кинематографија со ексклузивна проекција на целокупниот дигитално реставриран филмски опус на браќата Манаки, првите сниматели на Балканот.
Македонскиот КИЦ во Загреб, првото издание на патувачкиот Фестивал на македонски филм во Хрватска го посвети на македонските филмски класици. Во рамките на програмата ќе бидат прикажани четири долгометражни играни филмови и четири краткометражни играни филмови, кои оставиле траен белег во македонската кинематографија. Тоа се филмски остварувања на реномирани македонски режисерски имиња, меѓу кои се: Столе Попов, Љубиша Георгиевски, Милчо Манчевски, Димитрие Османли и Митко Панов.
Благодарејќи на воспоставената соработка со „Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи“, селектираните македонски филмови ќе бидат прикажани во 13 киносали во 13 градови низ Хрватска, овозможувајќи пошироката хрватска публика да се запознае со историјата на македонската кинематографија.
Станува збор за фестивал кој е прв од ваков вид надвор од државата, како и прва соработка од овој вид, во која македонската кинематографија воспоставува директна комуникација со една интернационална мрежа на независни киносали.
Фестивалската програма ќе биде збогатена и со изложба на македонски филмски плакати, богат филмско-архивски материјал, кој има значајно место во промотивната, визуелната и естетската перцепција на филмот како комплексен културен производ.
Изложбата „Македонски филмски плакат 1952 – 2022“ ќе биде поставена во македонскиот КИЦ во Загреб. На оваа поставка, прва соработка од ваков вид меѓу македонскиот КИЦ во Загреб и Кинотеката на Македонија, ќе се прикажат автентични филмски плакати од антологиски филмови, чие графичко и ликовно решение претставува жив сведок на развојот на филмот како уметност и културно огледало на времето во кое тие филмови се создавале.
Според директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, изложбата и филмската програма имаат цел да ги доближат македонската култура и македонското филмско наследство до хрватската јавност, потсетувајќи на заедничките културни врски и проникнувања што ја одбележаа некогашната заедничка филмска сцена. Истовремено, тие претставуваат и омаж на авторите, уметниците и авторите на плакати кои оставиле траен белег во историјата на македонскиот филм.
Фестивалот на македонски филм во Хрватска е дел од Годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб поддржана од Министерството за култура и туризам.