Во Планинарскиот дом „Вртешка“, на планината Плачковица, се одржа четвртото издание на ВИА – Вртешка интердисциплинарни активности, резиденцијален и фестивалски настан за млади уметници и креативци од Македонија и од регионот, во организација на Здружението „Купола“.
ВИА обединува над 50 млади уметници и креативци од Македонија и од регионот и се трансформира во фестивал на кој резидентите и гости уметници ги прикажуваат своите дела пред поширока публика.
Оваа година програмата опфати богата содржина – уметнички изложби на млади талентирани автори поставени низ природата и селото, театарски претстави под отворено небо, филмски проекции, концерти и креативни работилници – преку кои младите уметници и креативци создадоа автентично искуство заедно со публиката.
Особено внимание привлекоа изложбите на младите уметници во напуштеното село Вртешка, гостувањето на режисерот Батухан Ибрахим со селекција на кратки филмови, како и концертите на бендовите „Трето колено“, „Сиото џез“ и „Некст ту сајленс“ (Next to Silence).Настанот беше реализиран во партнерство со „Корифеј театар“ од Црна Гора, со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).