Новата евалуација на Европската комисија потврдува дека иницијативата „Европски престолнини на културата (ECoC)“ и по четири децении останува еден од најуспешните европски културни проекти кој придонесува за развој на туризмот, културната активност, инвестициите и социјалната инклузија, како и за развојот на локалните заедници и на меѓународната соработка.
Според извештајот подготвен од Европската комисија, врз основа на надворешната студија на Ecorys Europe и KEA European Affairs, иницијативата има длабоко трансформациско влијание и врз градовите и врз нивните заедници. Од своето воведување во 1985 година, таа претставува влијателен, финансиски ефикасен и релевантен двигател на културни и општествени промени низ Европа.
Целта на евалуацијата е да прикаже како се спроведувала иницијативата и какви резултати остварила. Таа ги издвојува добрите практики и научени лекции што можат да им користат и на идните европски престолнини на културата и на сите европски градови што сакаат да ја развиваат својата културна сцена. Исто така, евалуацијата ги утврдува насоките за натамошен развој на програмата по 2033 година.
Процесот на евалуација се засновува врз комбинација од квантитативни и квалитативни методи – од интервјуа и фокус-групи, до статистички анализи и преглед на документи. Опфатени се градовите што ја носеле титулата Европска престолнина на културата во периодот 2013 – 2023 година, како и оние што аплицирале за неа од 2020 до 2028 година.
Истражувањето опфаќа 64 интервјуа со претставници на институции на ЕУ, национални и локални власти и организации; 6 фокус-групи со експерти и претставници на градови; анализа на претходни евалуациски извештаи преку специјализирана алатка со околу 60 индикатори; преглед на 199 извори на литература и 38 статистички показатели; јавна консултација со 60 одговори, 8 студии на случај и завршна работилница посветена на потврдување на наодите и разгледување на идни насоки за развој на програмата.
Наоди од евалуацијата
Привлекување повеќе посетители
Евалуацијата покажува дека во периодот од 2013 до 2022 година градовите домаќини организирале во просек 1 000 – 1 200 културни активности годишно, со вкупна публика од 38,5 милиони лица. Бројот на посетители во просек се зголемил за 30 – 40 %, што придонесло за поголема меѓународна видливост и развој на културниот туризам.
Привлекување повеќе инвестиции
Иницијативата е финансиски ефикасна: со само 3 – 5 милиони евра годишна поддршка од ЕУ, била поттикната инвестиција од околу 900 милиони евра во културата низ Европа.
Долгорочни ефекти
Градовите што ја добиваат титулата често бележат зголемени културни буџети, со трајни придобивки во урбана обнова, граѓанска партиципација и зајакнување на културните и креативните сектори. Акцијата поттикнува и инклузивност, вклучувајќи групи кои обично не се активни во културниот живот.
Европска димензија
Извештајот ја нагласува додадената вредност на иницијативата во: градењето меѓународна културна соработка, зајакнувањето на културната дипломатија на Европа и промовирањето на заедничкиот европски идентитет.
Додека иницијативата „Европски престолнини на културата“ продолжува да се развива, евалуацијата ќе послужи како основа за подготовка на новата законска рамка што ќе го опфати периодот по 2033 година.
Повеќе информации за евалуацијата можете да најдете тука