Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Благојче Наумоски-Бане со „Геометрија на материјата“ во Њујорк

Благојче Наумоски-Бане со „Геометрија на материјата“ во Њујорк

„Геометрија на материјата“ е насловот на изложбата од Благојче Наумоски-Бане што вчеравечер беше отворена во Галеријата MC во Њујорк. Изложбата претставува просторно истражување на енергијата и материјалноста преку геометриска апстракција, каде што цртежот се претвора во медиум за размислување за односот меѓу видливото и невидливото, структурата и движењето, формата и празнината.

 

– Проектот ја надминува човечката фигура како референтна точка и се насочува кон невидливата архитектура на материјата, нејзините ритми, тензии и трансформации изразени преку серија цртежи инсталирани како имерзивна просторна инсталација. Секој цртеж функционира како визуелен дијаграм, преку кој се спојуваат две различни традиции на поимање на енергијата и материјата: Западниот принцип, кој нагласува структура, мерливост и аналитичка геометрија, и Источниот принцип, кој ги истакнува текот, континуитетот и динамичната меѓузависност на силите – велат организаторите.

 

Благојче Наумоски (1985, Кичево) дипломира во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, педагошки отсек, насока сликарство. Во 2009 година станува магистер од област сликарство. Од 2007 година е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Во 2009 година станува член на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т и активно учествува во сите нејзини проекти. Од 2015 година е член на колективот Ад акта.

 

Од 2012 година работи како асистент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет на Република Македонија. Во 2016 година станува доцент на истиот факултет. Моментално е вонреден професор и декан на Факултетот за арт и дизајн.

 

Изложувал во Берлин (Германија), Њујорк (САД), Љубљана (Словенија), Париз (Франција), Хаифа (Израел), Прага (Чешка), Софија (Бугарија), Приштина (Косово), Виена (Австрија), Отава (Канада) итн. Исто така, има учествувано на повеќе ликовни колонии. Во изминатиов период има реализирано дваесет и три самостојни и повеќе групни изложби.

 

 

Мени за пристапност