Пијанистот Гордан Спасовски победи на Меѓународниот натпревар за биг бенд композиција што го организира џез-оркестарот „Милениум“ од Холандија. Овој оркестар постои 40 години, а во него свират холандски и германски музичари.
Финалето се одржа во градот Зволе, а „Милениум“ ги изведе трите номинирани композиции пред композиторите, публиката и меѓународното жири. Победникот доби парична награда од 3 000 евра.
Другите двајца финалисти беа Бернард ван Росум и Крис Милер од Холандија. На натпреварот учествуваа композиции на автори од Јапонија, САД, Италија, Франција, Австрија, Белгија, Србија, Германија, Финска, Швајцарија, Холандија и од Македонија.
Гордан Спасовски (35) е пијанист, композитор и аранжер. Член е на Националниот џез-оркестар. Во 2021 беше финалист на Меѓународниот натпревар за биг бенд композиција во Хелсинки. Лани беше прогласен за најдобар џез-музичар во Македонија.