На 23 септември во 20 часот во Културно-информативниот центар на Македонија во Истанбул ќе биде отворена групната изложба „Од Македонија до Истанбул“ на Здружението за ликовна уметност „Драудакум“ од Гостивар.
Пред истанбулската публика ќе бидат претставени дела од современото македонско ликовно творештво во повеќе техники – сликарство, скулптура, графика, уметничка фотографија и видеоуметност.
Здружението „Драудакум“, основано во 1999 година, над две децении активно придонесува за афирмација на ликовните автори и за нивно поврзување со современите уметнички текови.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам и има цел да придонесе за меѓународна промоција на македонското современо творештво и културниот дијалог меѓу Македонија и Турција.