На 25 септември, Народниот театар Битола ќе ја изведе претставата „Кориолан“ на престижниот фестивал „Волшебни ноќи во Бутринт“ (Magical Nights in Butrint), кој се одржува во античкиот театар Бутринт, Саранда, Албанија.
Претставата, во режија на Џон Блондел, својата македонска премиера ја имаше во рамките на 66. „Охридско лето“, додека светската премиера беше изведена на „Шекспир фринџ фестивал“ (Shakespeare Fringe Festival) во Верона. По овие две значајни фестивалски претставувања, „Кориолан“ продолжува со своето меѓународно патување и пристигнува на сцената на античкиот театар Бутринт.
Современата адаптација на безвременската трагедија на Вилијам Шекспир отвора прашања за власта, политичката одговорност, амбицијата и сложениот однос меѓу поединецот и општеството — теми кои и денес ја задржуваат својата актуелност.
Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска.
Асистент на режија е Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајн на светло: Џонатан Хикс, светло мајстор: Горан Петровски, музика: Александар Димовски, видео: Владимир Переловски, инспициент: Оливер Петровски, а суфлер: Мирјана Христовска.
Фестивалот „Волшебни ноќи во Бутринт“ се одржува од 22 до 25 септември, на уникатната сцена на античкиот театар во Бутринт.
Гостувањето во Бутринт е уште едно во низата меѓународни претставувања на Народниот театар Битола, а фестивалското патување на „Кориолан“ продолжува на нови сцени и пред нова публика.