Музејот на Македонија на 25 декември 2025 година, со почеток во 19 часот, ќе ја отвори изложбата „Димитар Кондовски и македонските бајки“ – калеидоскоп од светот на бајките на Димитар Кондовски. Овој уникатен проект ја оживува уметничката магија на еден од најистакнатите македонски сликари и илустратори, чиј опус трајно ја обележа современата македонска визуелна култура.
Димитар Кондовски (1927 – 1993) остави зад себе богато творештво што спојува модерна стилизација со византиско-средновековни мотиви, орнаментика и симболика. Во центарот на оваа изложба се илустрациите создадени во периодот од 1982 до 1984 година, инспирирани од македонските бајки и народни приказни. Резултатот од тој творечки процес се седум бајки со вкупно 82 илустрации, кои претставуваат вистинско богатство на боја, фантазија и симболика.
Изложбата ги прикажува делата со кои Кондовски го претвора народното предание во визуелен универзум, обоен со светлината на македонското сонце, етнолошките мотиви и карактеристичните обичаи. Секој цртеж открива дел од митологијата што ја гради нашата колективна имагинација – свет исполнет со волшепства, јунаци и симболични детали.![]()
Во предговорот за овие илустрации, академик Блаже Конески истакнува дека Кондовски „го постели просторот на нашата бајка“, создавајќи волшебен свет каков што може да се роди само од длабока инспирација и љубов кон културата.
„Димитар Кондовски и македонските бајки“ претставува не само омаж кон големиот уметник, туку и потсетник дека уметноста е духовен водич – патување во кое детето учи да сонува, а возрасниот ја буди волшебната убавина во себе.