Скопје утре, 3 октомври, ќе биде домаќин на 22. издание на „Бела ноќ“, со концерти, изложби, театар, диџејски настапи и програма за деца на повеќе локации низ градот.
Централната програма на плоштадот „Мајка Тереза“, пред МОБ, почнува во 18 часот со детскиот фестивал „Поточиња“, по што ќе следуваат настапи на диџеј Боно (DJ Bono), „Допамин бенд“ и Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“. Програмата по полноќ продолжува со диџеј Тами (DJ Tammy) и диџеј Тошев (DJ Toshevv).
Настани ќе има и на Боемска улица, во МКЦ, Чифте амам, „Мала станица“, Музејот на современата уметност, Археолошкиот музеј и други културни простори.
ЈСП ќе обезбеди бесплатен јавен превоз од 18 часот, а бесплатен ќе биде и влезот во Зоолошката градина. Вечерната програма ќе трае до 3 часот по полноќ.
Манифестацијата ја организираат ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје.