Во галеријата „Чифте амам“ во Старата скопска чаршија, на 20 август 2026 година во 20 часот, ќе биде отворена јубилејната изложба „90 години од раѓањето на Јован Петров“, посветена на творештвото на истакнатиот македонски сликар, конзерватор и реставратор.
Јован Петров (1936–2011) дипломирал на Академијата за ликовна уметност во Љубљана, каде специјализирал конзервација и реставрација. Во текот на својата богата професионална кариера работел на заштита и реставрација на икони, фрески и слики, меѓу кои и во црквите „Св. Пантелејмон“ во Нерези и „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид.
Покрај конзерваторската дејност, Петров активно се занимавал со сликарство, создавајќи препознатлив опус во кој се преплетуваат современиот ликовен израз, културното наследство и традицијата. Колекцијата на делата што ќе бидат претставени на изложбата е во сопственост на семејството Петров.
Автор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос, а стручни соработници се Маја Неделкоска Брзанова, кустос советник, м-р Владимир Таневски, кустос, Емил Петров и Антонио Пирковски, конзерватори.
Изложбата ќе ја прогласи за отворена директорот на Националната галерија, д-р Али Синани, а свое обраќање ќе има програмскиот раководител и виш кустос Маја Крстевска.
Во рамки на отворањето ќе биде промовирана и монографија посветена на животот и творештвото на Јован Петров. Изложбата ќе биде отворена до крајот на август.