Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Сулејмани: Националната стратегија за туризам 2027 – 2032 ќе постави насока за одржлив и долгорочен развој на секторот

Сулејмани: Националната стратегија за туризам 2027 – 2032 ќе постави насока за одржлив и долгорочен развој на секторот

„Националната стратегија за туризам 2027 – 2032 треба да постави јасна насока за современ, одржлив и долгорочен развој на туризмот во државата“, истакна министерот за култура и туризам Седат Сулејмани на јавната расправа за резултатите од анализата на состојбата во процесот на подготовка на Стратегијата, што се одржа денеска во Музејот на македонската борба за самостојност.

 

Обраќајќи им се на претставниците на туристичкиот сектор, стручната и академската јавност и другите присутни, министерот за култура и туризам истакна дека изготвувањето на новата Национална стратегија претставува потврда дека Владата и Министерството за култура и туризам го препознаваат туризмот како значаен сектор за економскиот, културниот и локалниот развој на државата, како и неговиот потенцијал да придонесе за  севкупниот развој на земјата.

 

„Денес не сме тука само да ги презентираме резултатите од досегашната работа. Тука сме, пред сè, да отвориме простор за дијалог“, истакна министерот, посочувајќи дека анализата на состојбата претставува значајна основа за понатамошното креирање на Стратегијата.

 

Според него, анализата овозможува подобро согледување на потенцијалите со кои располага државата, но и на предизвиците и слабостите со кои се соочува туристичкиот сектор.

 

„Нашата цел е да создадеме документ кој ќе биде реален одговор на состојбите и потребите на туристичкиот сектор и кој ќе даде јасна насока за неговиот развој во наредниот период“, рече министерот.

 

Тој посочи дека во процесот на подготовка на Стратегијата, особено внимание треба да се посвети на: подобрувањето на туристичката инфраструктура, создавањето поквалитетни и поконкурентни туристички производи, зголемувањето на должината на престојот на туристите, како и поврзувањето на културното наследство, природните ресурси и локалните производи со современите туристички трендови. Меѓу важните прашања ги издвои и обезбедувањето рамномерен регионален развој и создавањето услови за одржлив и конкурентен туризам на меѓународниот пазар.

 

„Овие прашања бараат заеднички одговор“, истакна министерот, упатувајќи на значењето на активното учество на сите чинители во процесот на подготовка на Стратегијата.

 

Во рамките на настанот, Министерството за култура и туризам додели и признанија по повод Светскиот ден на туризмот, како признание за придонесот во развојот и промоцијата на Македонија како автентична и атрактивна туристичка дестинација. Во категоријата најуспешна дојдовна туристичка агенција за 2026 година, признанија добија ТА „Балкан прајм турс“ – Скопје, ТА „Камелија турс“ – Скопје и „Карачи турс“ (Ерак групација) – Скопје. Признанијата за најуспешен сместувачки капацитет за 2026 година им беа доделени на „Холидеј ин“ – Скопје, „Лимак интернационал хотел“ – Скопје и „Мериот хотел“ – Скопје, додека во категоријата најуспешна дигитална/социјална промотивна алатка за 2026 година беа наградени „kajak.mk“, „Quendoo.mk“ и инфлуенсерот „Finnmacedonia“.

 

Јавната расправа претставува дел од процесот на консултации со засегнатите страни и има цел да обезбеди различните перспективи, искуства и потреби на туристичкиот сектор да бидат земени предвид во натамошното креирање на Националната стратегија за туризам 2027 – 2032.

 

Мени за пристапност