Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Средба на министерот Сулејмани со италијанскиот амбасадор Палминтери

Средба на министерот Сулејмани со италијанскиот амбасадор Палминтери

Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, денеска оствари средба со амбасадорот на Италијанската Република во нашата држава, Паоло Палминтери.

 

На средбата, која помина во исклучително пријатна и конструктивна атмосфера, беше потврдена традиционално добрата соработка меѓу двете држави, која континуирано се унапредува преку многубројни институционални средби, заеднички проекти и иницијативи во областа на културата, образованието и туризмот.

 

Министерот Сулејмани изрази искрена благодарност до амбасадорот Палминтери за континуираната и принципиелна поддршка што Италијанската Република ѝ ја дава на нашата држава во евроинтегративниот процес.

 

Во разговорот, соговорниците се осврнаа и на претстојниот проект „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, како и на традиционалните културни програми што се реализираат со поддршка од Министерството за култура и туризам, меѓу кои се манифестацијата во чест на Свети Кирил во Рим, учеството на Венециското биенале за ликовна уметност и за архитектура, како и други значајни културни настани.

 

Амбасадорот Палминтери го информираше министерот Сулејмани за проектите и културните активности што годинава се реализираат во организација и со поддршка на Амбасадата на Италијанската Република, а кои се одвиваат во повеќе градови низ државата.

 

Со оглед на тоа што последната Програма за соработка во областа на културата, образованието и науката меѓу двете држави важеше до 2025 година, соговорниците се согласија дека во наредниот период ќе започнат активности за подготовка на нов билатерален документ, кој ќе претставува значаен поттик за понатамошно продлабочување на културната соработка и зацврстување на пријателските односи меѓу двете држави.

Мени за пристапност