Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Средба на министерот Љутков со амбасадорката на Словачка, Хрицова

Средба на министерот Љутков со амбасадорката на Словачка, Хрицова

Во исклучително пријатна и конструктивна атмосфера, министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска се сретна со амбасадорката на Словачка,  Ивета Хрицова.

 

На средбата беше потенцирано дека постојат големи можности за продлабочување на соработката и во културата и во туризмот.  Министерот Љутков  истакна дека на 50-тото издание на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ е потпишан Договор за соработка во областа на културата, но со оглед на развојот на соработката во изминатиот период, потребно е да се потпише нов договор, а тоа значи дека во наредниот период ќе се работи на усогласување на некој нов значаен документ.

 

 Министерот информираше дека кон средината на јануари 2026 г. ќе биде објавена и првата официјална програма за развој на туризмот, којашто понатаму ќе отвори нови можности за соработка и во овој дел. Се разговараше и за соработката на мултилатерален план, за членството во меѓународните организации и асоцијации, меѓу кои и фондацијата „Форум на словенските култури“,  во чии рамки се реализираат многу активности.

 

Министерот потсети дека само пред неколку дена е отворен новиот Лекторат по македонски јазик на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, за што амбасадорката упати посебни честитки. Беше потенцирано дека постојат длабоки врски меѓу Нитра и Охрид и во таа смисла, во иднина ќе се разговара за продлабочување и унапредување на врските меѓу двата града, а можеби и за нивно збратимување.   

 

Се разговараше и за соработката во областа на туризмот,  а особено позитивно беше оценето тоа што се воспоставени повеќе летови на релација Скопје –  Братислава во текот на неделата и дека веќе се размислува и за други летови. Воедно, во однос на конкретни содржини што би можеле да се реализираат во наредниот период, постои интерес од словачката страна изложбата  која беше претставена во Кунцхале и во Прага,  „Скопје град на солидарноста“, во иднина да биде претставена и во Братислава.

Мени за пристапност