Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Мадрид: Министерот Љутков во Мадрид се сретна со Фуад Нагхиев, директор на Државната агенција за туризам на Азербејџан

Мадрид: Министерот Љутков во Мадрид се сретна со Фуад Нагхиев, директор на Државната агенција за туризам на Азербејџан

Во рамките на Меѓународниот саем за туризам (FITUR 2026), кој од 21 до 25 јануари се одржува во Мадрид, министерот за култура и туризам Зоран Љутков оствари работна средба со Фуад Нагхиев, директор на Државната агенција за туризам на Азербејџан.

На средбата беше изразено заемно задоволство од можноста за продлабочување на билатералните односи, како и подготвеност за унапредување на соработката во областа на туризмот, како значаен сегмент за економски и културен развој на двете земји.

Двете страни истакнаа интерес за воспоставување формализирана билатерална соработка во туризмот, како логично продолжение на контактите и разговорите остварени за време на Конференцијата КОП29 во Баку.

Отворањето нов туристички пазар и диверзификацијата на туристичките извори меѓу Северна Македонија и Азербејџан се темелат врз зацврстување на институционалната соработка и активно вмрежување на туристичкиот бизнис-сектор. Во таа насока, следен логичен чекор е  иницирање и воспоставување рамка за соработка во областа на туризмот преку потпишување Меморандум за разбирање, како и организирање   B2B-средби меѓу туроператори, туристички агенции и стопански комори од двете земји. Активностите би вклучувале презентација на туристичката понуда на Северна Македонија во Азербејџан, со посебен акцент на културен, верски, ено-гастро и активен туризам, како и организација на студиски посети за туроператори, медиуми и туристички инфлуенсери, со цел креирање заеднички туристички продукти и долгорочни бизнис-партнерства.

Особено беа акцентирани  можностите за зголемување на туристичкиот промет меѓу Македонија и Азербејџан, од аспект на веќе постојните поволни предуслови со редовните авионски линии до Истанбул, како и програмата за субвенционирање организиран туристички промет во износ до 65 евра по турист, наменета за туроператорите кои нудат туристички аранжмани кон нашата земја.

Позитивните трендови, како што беше истакнато, го потврдуваат потенцијалот на земјава за развој на уникатни туристички доживувања во текот на целата година – од богата културна понуда, зимски и планински туризам, авантуристички активности, до гастрономија, вински туризам и автентични природни убавини. Зголемениот туристички промет и надвор од главната сезона укажува дека Македонија претставува атрактивна дестинација во сите четири годишни времиња.

 

Мени за пристапност