Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Приказни поголеми од времето: промовирана монографијата за 80 години Македонски народен театар

Приказни поголеми од времето: промовирана монографијата за 80 години Македонски народен театар

„Во годината кога Македонскиот народен театар слави осумдесет години постоење, во нашите раце ја држиме монографијата „Македонски народен театар 1945 – 2025: драма – приказни поголеми од времето“. Книга што не се чита туку се доживува. Ова дело не раскажува историја, туку живот. Ова е хроника на еден театар што осум децении го бара човекот – во зборот, во тишината, во конфликтот, во надежта. Истовремено, тоа е и благодарност кон сите генерации што верувале дека театарот е потреба, а не луксуз. Низ фотографии, плакати, скици и раскажани сеќавања, ова дело ја документира историјата на МНТ и трудот на генерации уметници и театарски работници кои го граделе Театарот таков како што го знаеме денес“, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на денешната промоција на монографијата посветена на нашата најзначајна театарска институција - Македонскиот Народен Театар.

Тој додаде дека како министер, неговата обврска е да го штити театарот, како актер, да му верува, а како човек – да му се поклонува.

„Нека ова издание биде тивок аплауз за сите што му го посветија животот на МНТ. И нека биде светло за секое идно подигање на завесата. Зашто додека постои театарот, постои и надежта дека приказните навистина можат да бидат поголеми од времето“, додаде Љутков.

Директорот на МНТ Никола Кимовски пак, истакна дека осумдесет години Македонски народен театар се години во кои сцената, не е само место за изведба, туку простор на слободна мисла, љубов, емотивно соголување и трагање по смислата.

Промоцијата на монографијата е дел од јубилејната програма по повод 80 години МНТ, која продолжува на 29 декември, кога на големата сцена на Македонскиот народен театар премиерно ќе биде изведен сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“, во режија на Дејан Пројковски.

Мени за пристапност