Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска потпишаа Договор за финансирање на реконструкцијата на мултифункционален центар во населбата Ново Лисиче, со вкупна вредност од 99 милиони денари.
Љутков истакна дека е ова ново поглавје за културата во Општина Аеродром, во која не постои културен центар, а ќе биде значаен особено за независната сцена.
Тој посочи дека Министерството за култура и туризам досега потпишало 20-ина договори со повеќе општини низ државава за изградба на мултифункционални центри. Некои сега почнуваат да се градат или се во тек на изградба, при што нагласи дека тие се особено значајни и за проектот Скопје – европска престолнина на културата 2028.
„Се надеваме дека до крајот на 2027 ќе бидат завршени сите и во 2028, надвор од националните установи, да имаме девет или десет вакви простори кои ќе можат да ги примат и странските уметници и да им се обезбедат нормални услови за работа. Многу е важно што овие центри ќе овозможат многу повеќе простор за независната културна сцена на која ѝ недостига простор, кино, театар, изложби и други настани, со што ќе се овозможи рамномерен културен развој на сите настани низ државата“, рече Љутков.
Тој изрази задоволство што Владата се одлучи на еден ваков чекор и што градоначалниците се решаваат токму за градење на вакви мултифункционални центри кои се, всушност, и иднината на културата во Македонија.
Инаку, мултифункционалниот центар во Ново Лисиче ќе се гради со финансии од Министерството за култура и туризам во износ од речиси 99 милиони денари во првата фаза, на површина од 1400 квадратни метри, а во него ќе има киносала со 245 столчиња, простор за изложби, како и канцеларии и соби за техника.