Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска оствари средба со амбасадорот на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, аташето за култура Кевин Мас и конзулот на Република Австрија, Барбара Грубер.
На средбата која помина во пријатна и конструктивна атмосфера беа разменети мислења за соработката во областа на културата при што соговорниците посебно се осврнаа на престојната манифестација Скопје-Европска престолнина на културата 2028 година. Министерот Љутков информираше за активностите кои ги спроведува Министерство за култура и туризам во насока на реализација на оваа манифестацијаата која е од особено значење и за градот Скопје и за нашата држава.
Во тој контекст тој ја потенцираше важноста за активната партиципација на Министерството за култура и туризам во креирањето на програмата за престојната манифестација која треба да го презентира богатството на македонската култура и традиција како и на целокупните потенцијали со кои располагаме и како град и како држава.
Соговорниците се осврнаа и на соработката во рамки на меѓународната мрежа „Традуки“ која постои веќе 18 години. Нашата држава е членка на оваа мрежа неколку години во чии рамки се поддржани голем број дела од македонски автори. Амбасадорката во името и на другите членки на мрежата упати покана до министерот Љутков да присуствува на следниот состанок на Традуки кој ќе се реализира во ноември оваа година во Базел, Швајцарија. Воедно беше поздравена и идејата некој од следните состаноци да се случи во нашата држава.
Министерот Љутков и амбасадорката Дрекслер ја поздравија и соработката на нашите институции со Археолошкиот институт при Министерството за надворешни работи на СР Германија која треба да биде потврдена со потпишување на два билателарни договори во август годинава.