Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, денес оствари работна средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Петра Дрекслер, на која беше потврдена заедничката определба за понатамошно унапредување на културната соработка меѓу двете пријателски држави.
Во разговорите беа разгледани можностите за продлабочување на партнерствата меѓу културните институции, поддршка на заеднички проекти, размена на уметници и културни содржини, како и реализација на иницијативи што ќе придонесат за поголема меѓународна видливост на современото културно творештво и културното наследство на двете земји.
Министерот Сулејмани ја истакна важноста на веќе воспоставената соработка со Германскиот археолошки институт, преку која се реализираат интердисциплинарни археолошки истражувања на локалитетот Скупи. Воедно, беше посочено дека македонското археолошко наследство успешно е претставено пред германската јавност преку изложби реализирани во Франкфурт и Вајсенбург.
На средбата се разговараше и за почетокот на проектот „Школа за археологија“, чија реализација е предвидена за октомври годинава. Во рамките на проектот, врвни експерти од Римско-германската комисија ќе одржат предавања од областа на римската археологија, со цел јакнење на стручните капацитети и размена на знаења.
Соговорниците разменија мислења и за значењето на членството на Република Северна Македонија во европската мрежа ТРАДУКИ, која ги поврзува земјите од Југоисточна Европа со германското говорно подрачје преку литературата и книгата. Посебно внимание беше посветено и на подготовките за реализација на програмата „Скопје - Европска престолнина на културата 2028“.
На крајот од средбата беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на успешниот дијалог и развој на нови иницијативи што ќе придонесат за натамошно зајакнување на културните врски и соработката меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија.