Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерот Сулејмани во посета на културните установи во Струга

Министерот Сулејмани во посета на културните установи во Струга

Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани во Струга ги посети Националната установа Музеј „Д-р Никола Незлобински“, Националната установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“, како и Спомен-домот на браќата Миладиновци.

Во разговорите со директорите на установите, министерот се запозна со нивните тековни активности, програмите и плановите, како и со состојбата и потребите за нивното натамошно функционирање. Притоа, непосредно се запозна и со инфраструктурните предизвици со кои се соочуваат установите, за чие надминување Министерството ќе работи во соработка со раководствата.

Посетата на Спомен-домот на браќата Миладиновци беше можност уште еднаш да се потврди значењето на овој простор како важен дел од културната меморија на Струга и на македонската култура. Министерството останува посветено на зачувувањето и афирмацијата на наследството поврзано со браќата Миладиновци, кои се едни од најзначајните имиња во нашата културна и книжевна историја.

Министерот Сулејмани го посети и Паркот на поезијата, симболично место кое ја отсликува книжевната традиција на градот, како и „Струшките вечери на поезијата“, една од најзначајните меѓународни поетски манифестации во земјата и културен настан со долгогодишно меѓународно реноме.

„Струга има културно наследство и традиција кои се препознатливи и надвор од нашите граници. „Струшките вечери на поезијата“ се еден од најсилните симболи на таа традиција и наша обврска е да создаваме услови оваа манифестација и културниот живот на градот да продолжат да се развиваат и да ја збогатуваат Струга како град на поезијата“, истакна министерот Сулејмани.

Министерството за култура и туризам продолжува со поддршка на културните установи во Струга и со создавање услови за непречено реализирање на нивните програмски активности.

Посетата на Струга е дел од работната агенда на министерот за култура и туризам, насочена кон непосредно запознавање со работата, предизвиците и потребите на културните институции низ земјата, со цел заеднички да се креираат решенија за нивно унапредување.

Мени за пристапност