Во рамките на средбите со културните установи, министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, оствари средба со директорката на Албанскиот театар за деца и млади – Скопје, г-ѓа Зарије Јонузи Челику.
На средбата се разговараше за функционирањето и развојот на театарот, со посебен акцент на прашањето за објектот, кое со години останува главен предизвик за оваа установа.
Недостигот на договор со сопствениците на објектот го отежнува функционирањето на театарот. Министерот Сулејмани истакна дека постои институционална волја за решавање на ова прашање и дека целта е што поскоро да се дојде до конкретно решение.
Се разговараше и за реализацијата на годишната програма, реализираните претстави и значителниот број репризи, и покрај актуелните услови за работа.
Министерот ја истакна и потребата од зголемување на буџетот за годишната програма, со цел реализација на повеќе претстави и побогати и поквалитетни продукции за децата и младите.
Министерството за култура и туризам останува посветено на поддршката на театарот и создавањето подобри услови за развој на неговата дејност.