Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Македонија на Берлинале: Министeрот Љутков го посети македонскиот штанд на Европскиот филмски маркет

Македонија на Берлинале: Министeрот Љутков го посети македонскиот штанд на Европскиот филмски маркет

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денес во Берлин, Германија го посети македонскиот штанд на Европскиот филмски маркет, лоциран во музејот „Gropius Bau“, во рамките на 76. издание на Интернационалниот филмски фестивал – Берлинале.

 

Директорот на Агенција за филм на Македонија, Сашко Мицевски, го запозна министерот со активностите и за контактите со европски продуценти и дистрибутери. Македонскиот штанд ја претставува државата како конкурентна и сигурна филмска дестинација, со професионални капацитети, разновидни локации и поволни услови за странски инвестиции.

 

Европскиот филмски маркет во Берлин е еден од највлијателните светски филмски пазари и клучна платформа за меѓународно позиционирање на националните кинематографии. Континуираното присуство на Агенцијата за филм на овој маркет овозможува зголемена видливост на македонските автори и продукции, јакнење на меѓународната соработка, размена на искуства и пристап до нови извори на финансирање, со што директно се придонесува кон развојот и одржливоста на домашната филмска индустрија.

 

Министерот Љутков вечерва во рамките на 76. издание на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот – Берлинале, во кино-салата во рамките на фестивалскиот центар во „CinemaxX“ на Потсдамер Плац, ќе присуствува и на светската премиера на филмот „17“ на режисерката Косара Митиќ, селектиран во програмата „Perspectives“ .

 

Филмот „17“ е реализиран како македонско-српско-словенечка копродукција, со финансиска поддршка од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Филмски центар на Србија, Словенечки филмски центар и SEE Cinema Network. Носител на проектот е продукциската куќа Црна Мачка Продукција, во копродукција со Арт&Попкорн од Србија и Децембер од Словенија, додека меѓународната продажба ја застапува француската компанија „Тотем Филмс“.

 

Остварувањето претставува значајна меѓународна потврда за креативниот потенцијал на новата генерација македонски автори и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската кинематографија на европската филмска сцена.

 

Мени за пристапност