Министерот за култура и туризам Зоран Љутков синоќа во преполната сала на киното „Блумакс“ во Берлин заедно со директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски ја проследи светската премиера на филмот „17“, дебитантско остварување на режисерката Косара Митиќ, во рамките на 76. издание на Берлинале.
Премиерата се одржа во програмата „Перспективи“- натпреварувачка платформа на фестивалот посветена на нови и перспективни филмски автори. По проекцијата, публиката го награди филмот со долги и искрени аплаузи, поздравувајќи го силниот авторски израз и емотивната нарација на младата режисерка.
Присуството на министерот Љутков на оваа свеченост претставува силна поддршка за новата генерација македонски филмски автори и потврда за институционалната заложба за афирмација на македонската кинематографија на меѓународната сцена.
Со својата селекција и топлиот прием од публиката уште еднаш го потврди потенцијалот на домашната филмска продукција и нејзиното заслужено место на европските фестивалски сцени.
Филмот „17“ е реализиран како македонско-српско-словенечка копродукција, со финансиска поддршка од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Филмски центар на Србија, Словенечки филмски центар и SEE Cinema Network. Носител на проектот е продукциската куќа „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, додека меѓународната продажба ја застапува француската компанија „Тотем Филмс“.