„Завод и музеј“ – Струмица со зголемен буџет за оваа година ќе реализира значајни проекти

од admin_kult

„НУ Завод и музеј – Струмица оваа година ќе располага со зголемен буџет за над 2 милиона денари во споредба со лани за реализирање на програмските активности на музејската дејност, како и на секторот за заштита и конзервација на недвижното културно наследство финансиран од страна на Министерството за култура и туризам со 6 490 000 денари“, рече на прес-конференција в.д. директорот, Бранко Ѓоргиев.

Дополнително, за капиталните проекти „Стар театар“ во Струмица, црквата „Св. Кирил и Методиј“, како и за зафатите што треба да се реализираат во манастирскиот комплекс во с. Водоча, од страна на ресорното министерство се издвоени вкупно 212 200 000 денари.

Во музејската дејност се одобрени 21 проект и според директорот, ова е досега еден од највисоките буџети според износот на финансиските средства. Од тие средства ќе се осовременува, реконципира и ќе се врши непосредна заштита на Меморијалниот музеј посветен на народниот херој Благој Јанков-Мучето, потоа ќе се реализираат: „Каталог на монети од XIV до XX век“, систематски археолошки истражувања на неолитската населба „Орниче“ кај село Костурино и повеќе работилници и изданија.

Во областа на заштитата на културно-историското наследство ќе се реализираат 14 проекти, а како позначајни се: реализацијата на основен конзерваторски проект за црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица, основен конзерваторски проект за санација на покривот на манастирот „Свети Леонтиј“ во село Водоча, како и довршувањето на проектот „Стар струмички театар“ за кој се предвидени над 196 000 000 денари.

„Во партнерство со Музејот од град Кукуш, Грција, аплициравме во Интерег-програмата на Европската Унија за периодот 2021 – 2027 година за изработка на покривна конструкција на античкото термално лекувалиште во село  Банско. Проектот е одобрен и за негова реализација се издвоени 25 830 000 денари“, рече Ѓоргиев.

Тој информираше дека за годинава, новитет е и тоа што институцијата ќе располага со делегиран буџет, односно директорот и вработените сами ќе одлучуваат, во висина на одобрениот буџет од страна на Министерството за култура и туризам, за стратегискиот развој на институцијата преку самостојно утврдување на приоритетните проекти.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе