Гевгелија е Град на културата за 2025 година, соопшти министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој денеска заедно со државниот секретар, Марија Ѓоргова, ги посети институциите од областа на културата во овој град.
Министерот Љутков потсети дека Гевгелија вторпат, по 2011 година, е носител на оваа манифестација, а тоа ја потврдува посветеноста на градот повторно да биде во центарот на културните настани во Македонија.
„Ова признание не е само чест, туку и обврска. Тоа е потврда дека Гевгелија, со својата богатa културна традиција, повторно ќе биде во центарот на културните настани во Македонија. Министерството за култура и туризам стои зад вас и ја поддржува оваа манифестација со 3 милиони денари, со цел да создадеме програма со повеќе од 140 настани во текот на целата година, програма што ќе го освежи културниот живот во овој град“, рече министерот Љутков.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2025/02/Gevgelija-grad-na-kulturata-1-1024x683.jpeg)
Љутков ја посети и Старата чаршија во Гевгелија, за чија комплетна реставрација, од буџетот на Владата се издвоени 40.675.095,00 денари, со што Гевгелија ќе добие нова визуелна и функционална димензија.
„Овие проекти ќе ја подобрат инфраструктурата и ќе создадат простор за културни настани и уметнички проекти, со што ќе се негува традицијата и ќе се поттикнат нови културни трендови“, рече Љутков.
Според министерот Љутков, Гевгелија, со својата локација и природни убавини, привлекува многубројни туристи, а сега, како што рече, со статусот Град на културата, ќе понуди нови искуства и можности за уживање.
Во рамките на посетата на Гевгелија, министерот Љутков, заедно со своите домаќини, ги посети НУ Музеј – Гевгелија, Библиотеката „Гоце Делчев“, како и црквата „Свети Атанасиј“ во село Габрово.