Оркестарот на Националната филхармонија вечер со почеток во 20:00 часот ќе го одржи концертот „Магична виолина“, на кој како солист ќе настапи врвниот белгиски виолинист Марк Бучков, под диригентство на маестро Сашо Татарчевски.
На програмата се: увертира „Оберон“ од К.М. Вебер, Концерт за виолина и оркестар бр. 3 во Ге-дур од В.А.Моцарт и Симфонија бр. 5 „Реформациска“ во р/де-мол, оп. 107 од Ф. Менделсон.
Белгискиот виолинист со руско-украинско потекло, Марк Бучков, критиката го опишува како софистициран музичар со беспрекорна самоувереност, но и како еден од мултифункционалните и уникатни уметници на новата генерација. Неговата меѓународна кариера е богата и зад себе има настапи со водечки оркестри и диригенти низ цела Европа.