Амбасадата на Италија и ИТА Скопје, во соработка со Националната галерија на Република Северна Македонија, организираат прослава на Денот на италијанскиот дизајн 2024 година.
Во рамките на тридневната програма, денеска во галеријата Чифте амам ќе биде отворена изложбата „Најдрагиот Пинокио“ (Carissimo Pinocchio), што ќе може да се посети во наредните две недели, до 28 март.
Од Националната галерија соопштуваат дека во објектот Чифте амам ќе биде претставена изложба по повод 140-годишнината од првото издание на книгата „Авантурите на Пинокио – Приказна за куклата“ од Карло Колоди, најпреведуваната италијанска книга во светот. Во соработка со Амбасадата на Италија, изложбата на Музејот за дизајн „ADI“ од Милано, пред македонската публика ќе го претстави дизајнерскиот проект „Најдрагиот Пинокио, италијанските дизајнери и графички дизајнери ја редизајнираат најпознатата кукла на светот“, чиј куратор е Џулио Јакети.
На отворањето на изложбата ќе се обратат амбасадорот на Република Италија Андреа Силвестри, директорката на Галеријата Дита Старова Ќерими и кокураторот и дизајнер Лука Мандонини.