Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во денешното интервју за телевизија „Тера“ истакна дека реконструкцијата на руинираниот објект „Парк“ во Битола, кој ќе се обнови преку Програмата за капитални дотации наменети за локалните самоуправи, како објект е дел од сеќавањето на генерации битолчани.
Затоа, додаде министерката за култура, многу е важно што годинава ќе започне реконструкцијата со средства од 9 милиони денари и дека Општина Битола има добар проект за адаптација на „Парк“ во мултифункционален културен центар.
– Објектот е дел од споменичната целина и со киното „Манаки“ и Офицерскиот дом ќе се обнови еден значаен сегмент од јадрото на Битола, што е од особена важност за колективната меморија на битолчани и за заштитата на спомениците на култура – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Сумата, што е одобрена за објекот „Парк“, како што појасни министерката за култура, се однесува на ѕидарски и молерски работи и работи на покривот. Објектот може да се реконструира и со средства од Општината, и може да продолжи со користење на Програмата за капитални дотации и следната година.
За Министерството за култура е значајна реконструкцијата на „Парк“ поради тоа што исто како и за Офицерски дом, грижата за објектот и негова заштита ќе го има Завод и Музеј-Битола. Осврнувајќи се на Офицерскиот дом во Битола, кој е белег на градот, министерката за култура рече дека е особено горда што пред многу години, опозицијата, на која ѝ припаѓала, спречила Офицерскиот дом како безимен објект да биде продаден.
– Сепак, и со обновувањето на објектот и со партерното уредување, Битола го врати сјајот на Офицерскиот дом и на главната улица. Не памтам Офицерскиот дом да нема настан од самото негово отворање, доста е активен. Ги поттикна и младите уметници да творат, да имаат концерти и оние поискусните. Затоа верувам дека секое вложување во објект од културата и во културата воопшто навистина претставува голем влог во иднината“, рече Костадиновска-Стојчевска во своето гостување на ТВ „Тера“.
Министерката за култура информираше дека култното битолско кино „Партизан“ ќе прерасне во современ мултикултурен центар, за што од буџетот на Министерството за култура во 2024 година се обезбедени 14,9 милиони денари.
− Објектот на поранешното кино „Партизан“, кое е во владание на Народниот театар, иако е со руинирана надворешност, внатре е доста зачуван. Минатата година изработивме проект за целосна реконструкција на објектите на Центарот за култура, Театарот Битола и на киното. По санацијата, ова култно место, Театар Битола ќе го користи како помала сцена за изведба на претстави, внатре ќе има сè што му е потребно на еден театар, од гримиорни, до сценска техника, а ќе има и помошен простор за персонал. Објектот ќе се користи како еден современ галериски простор, а ќе може да се одржуваат и помали концерти. Во Битола, освен „Магазата“ и Музејот, немаме соодветен галериски простор − информираше Костадиновска-Стојчевска, која вели дека целта на обновувањето на „Партизан“ е да се поврзе комлексот установи во културата и осовременување на секој простор од оваа дејност.
Интервјуто на министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска за ТВ „Тера“ е на следниот линк: