Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, по повод одбележувањето на 115-годишнината од кодификацијата на албанскиот јазик, упати честитка во која се вели дека на овој ден, албанските интелектуалци и мислители ја унифицираа албанската азбука, а со тоа го поставија темелот на културниот и духовниот идентитет на Албанците.
„Јазикот е душата на еден народ, но писмото е неговиот идентитет. Треба да сме горди што нашите вредности се европски, кои нѐ обединуваат во различностите и со кои градиме европска држава“, вели министерката за култура во честитката по повод празникот 22 Ноември.
Таа додаде дека историјата и духовното наследство на Албанците се негуваат и преку Музејот на албанската азбука каде што се чува богатото наследство значајно за уедначувањето на азбуката на албанскиот јазик.
Костадиновска-Стојчевска, која присуствуваше на свечената академија по повод празникот 22 Ноември организирана од Владата, порача дека со прогласувањето на овој датум за Ден на албанската азбука и одбележувањето на еден од најзначајните датуми за Албанците, потврдуваме дека македонското општество е мултикултурно, во кое албанскиот јазик е составен дел од заедничкото јазично и културно богатство.
Во Собранието денеска беше доделена и државната награда „22 Ноември“, чии добитници годинава се проф. д-р Агим Винца и писателот Амет Селмани.