Музејот на современата уметност – Скопје, како партнерска институција во проектот „Долгорочни културни партнерства за дијалог Западен Балкан – Европа – Култура“ финансиран од програмата „Креативна Европа“, е дел од првата серија трансдисциплинарни семинари што се одржа на 30 јуни и 1 јули во Париз, Франција.
Освен МСУ, други партнерски институции и организации во проектот се: фондацијата „Арт Експлора“ (Франција/Албанија), Националното училиште за уметности од Париз-Серги и Иницијативата за орална историја на Косово.
Семинарот беше посветен на културната сцена на Западен Балкан, во чии рамки предавање на тема „Солидарност, доблест на 21 век“ имаше директорката на МСУ – Скопје, Мира Гаќина. На иницијатива од МСУ и како дел од програмските активности на Музејот, на семинарот презентации имаа и македонските уметници: Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ и Наташа Неделкова. Модератор на предавањата беше кустосот Јованка Попова од МСУ.
Целта на овие настани е да се поттикне циркулацијата на уметници, истражувачи и двигатели од сферата на уметноста меѓу Западен Балкан и Европската Унија и да се промовира ширењето на нивните практики и истражувања.
Проектот „EUBalkans“ претставува уметнички дијалог меѓу партнерите од ЕУ и од Западен Балкан со цел да се креира иновативна културна програма заснована врз меѓународна соработка.
Проектот предвидува реализација на семинари кои ќе се одржуваат до 2025 година во Париз, Приштина, Тирана и во Скопје.