Оркестарот на Филхармонијата вечер во 20:00 часот ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените. Концертот има наслов „Севда“, а како солисти ќе настапат Божо Вреќо и српскиот пијанист со македонско потекло Васил Хаџиманов.
На програмата се љубовни песни од Балканот, аранжирани за симфониски оркестар од Дијана Имери-Илкоска, која, наедно, ќе застане зад пултот и ќе го води оркестарот на Филхармонијата низ ова несекојдневно музичко патување.
– Божо Вреќо е босански пејач кој ги „оживеа“ севдалинките и ги однесе во сосема нов правец со специфичноста на својот глас. Неговите изведби се длабоки и емотивни, и самиот за себе вели дека е „човек кој животот го сфаќа на лирски, музички начин“. Во неговиот музички свет чувствата се многу посилни од разумот. Светските медиуми го нарекуваат „икона на слободата, ангелски глас што ги гали душите и ги отвора срцата“. Од гласот на Божо Вреќо извираат длабоките емоции со кои секој може да се идентификува. Тој пее за љубовта, копнежот и разделбата, за тагата, меланхолијата и осаменоста. Секој отпеан стих е како исповед и препознавање на љубовта – информираат од Филхармонијата.