Од денеска до сабота на Сквер Јадран во Скопје ќе се одржи шестото издание на фестивалот „Статуафест – Другото лице на улицата – Танго на улица“. – Статуафест – Другото лице на улицата „Танго на улица“, како и секоја претходна година концептуално раскажува приказни.
Оваа година ќе раскажува за претворањето на Скопје во една мала, но сепак – огромна уличка сместена некаде во некој раздвижен простор во длабочините на духот на аргентинското танго, тежнеејќи да ги видиме и запознаеме оние страсни скопјани кои со сиот свој дух лудуваат по тангото „премачкани“ во тој разигран уличен миг на евергрин, посочуваат од здружението граѓани „Тим Театроск“ кои се организатори на фестивалот. „Тим Театроск“ е улична театарска продукција која работи уличен театар, улични промоции и настани со сличен карактер.
Она по што е препознатлива ова продукција се пантомимските улични точки и уличните подвижни статуи, како поединечни, така и во акт, т.е. слика. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, а спонзори се Винарска визба Тиквеш, Пакомак и МДН обезбедување, а дополнително помагач е Театарот за деца и младинци.