Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во нашата држава, Хозе Луис Лосано Гарсиа.
На средбата, соговорниците ги истакнаа пријателските односи меѓу двете земји и се согласија дека соработката помеѓу Шпанската амбасада и Министерството за култура треба да продолжи и во наредниот период, со размена на проекти и уметници.
Амбасадорот на Кралството Шпанија изрази подготвеност за помош во проекти од областа на културното наследство, кои би се финансирале преку фондовите на Европската Унија и Владата на Кралството Шпанија. Амбасадорот ја истакна и заинтересираноста за соработка со фестивалите и манифестациите од областа на културата што се се одржуваат во текот на годината, на кои има простор за популаризација на шпанскиот јазик и култура.
Министерката Костадиновска-Стојчевска додаде дека Министерството за култура е отворен партнер, во интерес на динамизирање на соработката помеѓу сродните институции и презентацијата на културата на двете земји.