На сцената на Албанскиот театар – Скопје денеска и утре ќе биде одиграна претставата „Јазли“ во режија на Куштрим Бектеши.
Станува збор за праизведба на претстава работена според текст од Рефет Абази што го напишал во 2015 година. Драмата „Јазли“ проектира комплексна и траурна слика на времето што го живееме, третирајќи ги судбинските „јазли“ на многу ликови кои во вителот на времето ги загубиле душевната хармонија и контактот со себеси и со вистината.
Во претставата играат актерите: Сабина Мемиши, Амернис Нокшичи, Теута Ајдини Јегени, Адем Карага, Бислим Мучај (како гостин од Косово), Осман Ахмети, Фисник Зекири и малиот Ерди Џемаили. Сценограф е Бетим Зекири, костимите се на Емира Имери, а музиката ја компонираше Тримор Доми.
Рефет Абази е актер, професор на ФДУ и драмски писател познат по драмите „Живот под кирија“, „Аквариум“ и „Бегство“.