– Шеесет и една година од првиот акорд во величествената „Света Софија“ до шеесет и една година вечерва во грандиозниот Антички театар – минато вредно за длабок поклон. „Охридско лето“ одамна е престижен настан. „Охридско лето“ ја надмина фестивалската улога. „Охридско лето“ стана македонски бренд кој трпеливо си го проби патот до светска препознатливост – истакна министерката за култура, Ирена Стефоска, во своето обраќање на отворањето на најголемата музичко-сценска манифестација во нашата замја, Фестивалот „Охридско лето“.
Стефоска порача: „Ниту Охрид без ’Охридско лето‘ ниту ’Охридско лето‘ без Охрид. Магијата е заемна како што е магичен и целиот регион. Регионот е волшепство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја зачуваме – не поради УНЕСКО туку поради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест.“
Годинешното издание на Фестивалот „Охридско лето“ – на кое присуствуваа министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, нејзината заменичка Мери Кумбе, претставници на дипломатскиот кор и други видни личности од јавниот и од политичкиот живот во земјава – беше во знакот на Чајковски. На сцената на Античкиот театар, уметниците од Националната опера и балет, под диригентската палка на Бисера Чадловска, го изведоа спектакуларниот проект „Големиот Чајковски“ – балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и од операта „Евгениј Онегин“.
Шеесет и првото издание на Фестивалот за отворено го прогласи претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој, како покровител на манифестацијата, посочи дека на светот му е неопходна убавината. Таа, заедно со вистината што ослободува и со добрината што облагородува, може да ги помири луѓето, може да ја намали нивната болка, да ги поврзе генерациите и да му даде нова надеж на човештвото.
– Веќе 61 година оваа институција дава простор за врвни креации на илјадници уметници од целиот свет. Токму уметниците се вистинските чувари на убавината, и со тоа, и сведоци дека надежта за човештвото опстојува. Годинава, кога прославуваме 30 години од независноста на Република Северна Македонија, го започнуваме нашиот најпрестижен меѓународен фестивал „Охридско лето“ со 90 македонски уметници чии квалитети сигурно не се подолу од најпознатите светски имиња – рече претседателот Пендаровски.
Од името на уметниците, традиционалната порака за 61. издание на Фестивалот „Охридско лето“ ја пренесе уметничката директорка на Националната опера и балет, Олга Панго, која оваа порака им ја посвети, пред сѐ, на колегите.
– Честа да се стои вечерва пред сите вас во име на сите уметници е огромна, исто како и одговорноста која секој од нас ја носи со секое застанување на сцена, секое движење и секој доживеан аплауз. Уште поголема е возбудата токму поради фактот што годинава токму ние, македонските уметници, ќе го отвориме Фестивалот „Охридско лето“. Македонските културни институции мора да се поддржуваат меѓу себе и ние вечерва ќе го покажеме токму тоа, како треба да се работи во име на уметноста – порача Панго.
Во текот на 40-те фестивалски вечери, на летните сцени на Античкиот театар, во предворјето на катедралната црква „Света Софија“ и на Долни Сарај, ќе продефилираат околу 500 уметници од 18 земји, а ќе бидат реализирани 34 уметнички концерти на врвни имиња од областа на музичката уметност и шест театарски претстави.
Обраќање на министерката за култура Ирена Стефоска на отворањето на 61. „Охридско лето“