Со изложба на дела од академскиот сликар Решат Амети, која ќе биде отворена вечер (21 мај), и со цртање на отворено, продолжува манифестацијата „Струмица – град на културата 2021“.
Покрај овие културни настани, до крајот на месецов е планирано концерт да одржи Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица по повод седумдесетгодишнината од постоењето. На 24 мај ќе се одржат 14. Роднокрајни поетски средби во чест на словенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.
Љубителите на пишаниот збор и на ликовната уметност на 27 овој месец ќе можат да присуствуваат на промоцијата на книгата „Зборовите на тишината“ од Александра Атанасова и да ја видат нејзината изложба на ликовни творби. Следниот ден ќе биде промовиран музејскиот водич за деца ,,Патување низ минатото”.
Настаните за овој месец завршуваат на 31 мај со изложбата „Цвеќе – 2021“ и со доделување награди за распишаниот ликовен конкурс по повод Републичките детски средби за оваа година.
Во програмата на „Струмица – град на културата 2021“ се планирани над 150 настани, кои ќе се реализираат во соработка со Домот за деца и млади „Благој Јанков-Мучето”, Градската библиотека „Благој Јанков-Мучето”, НУ Завод и музеј – Струмица, НУ ЦК „Антон Панов“ и здруженија на граѓани.