Во Музејот на современата уметност – Скопје утре (28 ноември) во 13 часот ќе биде отворена меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко: Животните не се таму некаде“, под кураторство на Мира Гаќина и Јованка Попова.
Преку дела на меѓународни и македонски уметници, изложбата ги истражува сложените односи меѓу луѓето и животните, нивното место во општеството и заедничкото живеење, отворајќи прашања за слободата, насилството, експлоатацијата, грижата и одговорноста.
Изложбата опфаќа дела во различни медиуми – видео, фотографија, инсталација, цртеж, анимација и архивски материјали, а меѓу претставените уметници се: Аби Палмер, Ахмет Огут, Дритон Селмани, Осама Затар, Маурицио Гати, Јане Чаловски, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Изабела Левенска Миљаниќ и други.
Изложбата се надоврзува на долгорочниот кураторски проект „Сè што ни е заедничко“, започнат во 2018 година, кој ги истражува солидарноста, социјалната правда и алтернативните форми на заедничко живеење.