Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Започнува процесот за изготвување Национална стратегија за туризам 2027 – 2032

Започнува процесот за изготвување Национална стратегија за туризам 2027 – 2032

Денес во Владата на Република Северна Македонија се одржа втората седница на Советот за промоција и поддршка на туризмот. На седницата, членовите на Советот побараа да се достават конкретни иницијативи за изготвување Национална стратегија за туризам, со цел да започне формалната постапка за нејзино изготвување.

 

На покана од Министерството за култура и туризам, на седницата присуствуваа и претставници од Светска банка и проектот ИМЕ (IME) поддржан од Швајцарската амбасада, кои во своите програмски активности предвидуваат техничка и финансиска поддршка за развој на туризмот.

 

Националниот координатор за туризам, Акан Махмут, во своето обраќање пред Советот истакна дека присуството на седницата ја потврдува посветеноста на Владата на Република Северна Македонија кон туризмот, кој сѐ повеќе се позиционира како стратешки сектор за економски развој. Тој потенцира дека туризмот, освен што обезбедува приходи, отвора нови можности за локалните заедници, ја афирмира културата на земјава и ја подобрува меѓународната препознатливост на државата.

 

– Во изминатиот период се реализирани значајни активности насочени кон консолидирање на туристичкиот сектор, преку засилување на институционалната координација, поддршка на локалните чинители и отворање нови можности за развој – истакна Махмут.

 

Во рамките на седницата беше презентиран Акцискиот план за развој на туризмот на Република Северна Македонија, кој се очекува да произлезе од Националната стратегија за туризам за периодот 2027 – 2032 година. Планот се фокусира на структурни реформи, подобрување на туристичката инфраструктура и зголемување на квалитетот на услугите. Исто така, беа презентирани предлог-проекти за развој на руралниот и на планинскиот туризам, при што беше нагласена важноста од усогласување со европските стандарди и регулативи, особено во делот на безбедноста при движење во планински подрачја и воведување сертифицирани и обучени туристички водичи.

 

Исто така, беше нагласено значењето на меѓународната соработка и ефективното користење на странските програми како клучен двигател за развој и модернизација на туристичкиот сектор. Во таа смисла, претставници на Програмата за пазарна вработливост (ИМЕ) одржаа излагање и ги презентираа можностите за поддршка на секторот.

 

Дополнително, беше презентирана и Анализа на туризмот во Северна Македонија, подготвена од Светска банка, која обезбедува сеопфатен преглед на позиционираноста на земјата во европски и во глобални рамки, особено во однос на бројот на туристи, ноќевања и економските ефекти од туризмот.

 

Советот заклучи дека координираниот пристап, засилената институционална соработка и стратешкото користење на меѓународната поддршка се клучни предуслови за понатамошен развој на туризмот во земјава и предложи следни чекори преку конкретни заклучоци кои ќе бидат доставени до Министерството за култура и туризам за натамошно дејствување.

Мени за пристапност