Започна процесот на подготовка за впишување на „Верскиот комплекс Шарена џамија“ во Тетово на Тентативната листа на УНЕСКО, што претставува прв чекор кон изработка на номинациско досие за нејзино впишување на Листата на светско наследство на УНЕСКО.
Иницијативата е на Националниот конзерваторски центар и Исламската верска заедница – Тетовско муфтиство, а доби и позитивно мислење од Националниот совет за културното наследство.
Во насока на реализација на оваа иницијатива, со решение на министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, формирана е работна група, чија задача ќе биде да ги координира и да ги спроведе почетните активности во процесот на подготовка на номинацијата.
Работната група ја сочинуваат: м-р Зоран Павлов, историчар на уметноста, виш конзерватор и експерт за османлиското културно наследство во Македонија, како координатор; м-р Цветанка Хаџи Пецова, дипломиран инженер архитект – советник конзерватор; м-р Афет Јашари, државен советник за заштита на културното наследство во Министерството за култура и туризам; д-р Махмуд Емини, претставник на Тетовското муфтиство; м-р Луиза Невзати, дипломиран инженер архитект – виш конзерватор; м-р Зарије Амдиу Реџеп, советник конзерватор за ѕидно сликарство во Националниот конзерваторски центар.
Шарената џамија во Тетово е еден од најрепрезентативните споменици на исламската архитектура од XIX век во Македонија. Нејзиното впечатливо ѕидно сликарство, во кое се преплетуваат европските барокни и рококо влијанија со традиционалната османлиска естетика, ја издвојува како објект со исклучителна уметничка и културно-историска вредност.