Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, во соработка со Националната галерија на Македонија, на 8 мај 2026 година во 19:00 часот ќе ја отвори изложбата „Архивски документи“ на истакнатата македонска уметница Жанета Вангели.
Изложбата претставува комплексна синтеза на четиридецениско творештво, во кое архивата, освен како сведоштво за минатото, функционира и како активен и динамичен простор за современа интерпретација. Преку внимателно конципирана селекција од дигитални прикази и фотографија, Жанета Вангели артикулира повеќеслоен дискурс за времето, меморијата и феноменологијата на присуството.
Нејзините дела го трансформираат архивскиот материјал во визуелно и концептуално поле каде што личното и историското се вкрстуваат во континуиран процес на преосмислување на стварноста.
Во својата уметничка практика, Жанета Вангели создава визуелен јазик кој се движи помеѓу реалното и метафизичкото, помеѓу документот и личното сведоштво. Делата во изложбата го повикуваат гледачот да го почувствува сегашниот момент преку трагите од минатите времиња, претворајќи го архивот во интимно и современо искуство.
Жанета Вангели е едно од најпрепознатливите имиња на современата македонска и меѓународна уметничка сцена, а нејзиното долгогодишно творештво остава значаен белег во областа на визуелната уметност и современите медиуми.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 15 мај 2026 година во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул.