Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб денеска (23 септември) ќе биде отворена изложбата „Заоѓања“ од истакнатиот македонски современ ликовен уметник со богато творештво претставено на самостојни и на групни изложби во земјава и во странство, Никола Пијанманов.
„Изложбата на Пијанманов е културен настан кој претставува важен придонес во промоцијата на македонската современа уметност пред хрватската публика и уште еднаш ја потврдува улогата на македонскиот КИЦ во Загреб како значајна платформа за афирмација на македонските уметници надвор од границите на Македонија, како и вмрежување на македонските и хрватските уметници, овозможувајќи културен дијалог и размена помеѓу двете уметнички сцени“, вели директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска.