Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова, денеска присуствуваше на средба со претставници на Стопанската комора на Дубаи, посветена на зајакнување на билатералната соработка во областа на културата, туризмот и креативните индустрии.
Во своето обраќање, Ѓоргова ги поздрави гостите од Дубаи и ја истакна важноста на оваа средба како платформа за размена на идеи, искуства и иницијативи што ќе водат кон конкретна и одржлива соработка меѓу двете страни.
„Културниот и креативниот туризам се области каде што Македонија има што да понуди и каде што Дубаи може да биде вистински сојузник,“ рече Ѓоргова.
Таа посочи дека Македонија, иако мала по територија, располага со исклучително богато културно наследство, значајни археолошки локалитети и уникатни природни убавини, што ја прават привлечна дестинација за развој на културниот и креативниот туризам. Истовремено, Дубаи беше претставен како симбол на динамичен развој, модерна инфраструктура и амбициозни инвестиции.
Ѓоргова информираше дека Министерството за култура и туризам активно работи на дигитализација на културното наследство, унапредување на културната инфраструктура, како и на поддршка за креативните индустрии, особено во областа на филмската продукција, сектори што сè повеќе придонесуваат за економскиот развој на земјата.
Таа додаде дека преку создавање платформи за културна размена, едукација и реализација на заеднички проекти, Македонија и Дубаи имаат потенцијал да изградат стабилно, долгорочно партнерство кое ќе биде во корист на граѓаните и идните генерации.