Народниот театар – Охрид вечер во 20:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе ја одигра премиерата на претставата „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле, во адаптација и режија на Андреј Цветановски.
Во претставата играат актерите: Стрезо Стаматовски во улогата на Митре, Филип Кипровски е Анѓеле, Марија Новак е Мара, Адријана Билаловиќ-Тодороска е Ката, а Никола Тодороски ќе го игра Софре.
„Парите се отепувачка“ е битово-социјална драма со мотиви од печалбарскиот живот. Темата е животот и трагедијата на едно македонско сиромашно семејство кое е принудено да го испрати својот единствен син на печалба, а идејата е јасно изразена во насловот – проклетството на парите. Дејството се случува во дваесеттите години на XX век, некаде во Западна Македонија.
Премиерата на претставата е вечер со почеток во 20:00 часот.
 
                                     
                                     
                                    