Вечер во Европската куќа во Велес ќе биде отворено 22. издание на Меѓународниот салон за стрип „Велес 2025“. На манифестацијата ќе бидат доделени награди, дипломи и признанија за годинашниот меѓународен стрип-конкурс и ќе биде отворена изложбата од избрани дела на истиот конкурс. Ќе бидат претставени и стрипови по повод 15 години од издавањето на балканскиот стрип-серијал „Вековници“, чиј промотор ќе биде Марко Стојановиќ од Лесковац, Србија.
Од утре до 24 август во Нежилово, стрип-автори од Бугарија, Србија и од Македонија заеднички ќе креираат свои стрипови.
Како што информираа претходно од Стрип-центарот на Македонија, годинава на традиционалниот стрип-конкурс се пријавиле рекордни 396 автори од целиот свет, од кои 164 се од нашата земја, а вечер ќе бидат прогласени најдобрите.