На 27 март 2026 година, на Светскиот ден на театарот, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) ќе се одржи премиерата на современата танцова претстава „Диво месо“.
Претставата е сценска адаптација на култното драмско дело од Горан Стефановски. Режисер и концептуален автор е Борче Начев, кореографијата ја потпишуваат Александра Кочовска-Начева и Елена Антонова-Петровиќ, а музиката е дело на композиторот Албин Сопа, кој го создава звучниот пејзаж и го следи емотивниот пулс на изведбата.
Преку современ танц и физички театар, претставата го истражува човекот пред предизвиците на стравот, сиромаштијата и моралната ерозија. Телото станува главен носител на драмата, претворајќи се во живо огледало на општеството и симбол на отпорност и човечност.
Овој проект е копродукција на МНТ и АРТ КУЛТ-УРА!, со поддршка од Министерството за култура и туризам, и претставува современа и ангажирана сценска интерпретација со јасна порака за значењето на театарот како простор за преиспитување и катарза.
Билетите се достапни онлајн на www.mnt.mk и на билетарницата на МНТ.